ВИДЕО: Роналдо го спаси Јуве од нов дебакл и го остави „жив“ во битката за ЛШ

Екипата на Јувентус доста се намачи, ама успеа да победи на гости кај Удинезе (1-2) и остана во битката за Лигата на шампионите следната сезона преку Серија А.

  • Извештај од натпреварот:

„Бјанконерите“ важеа за апсолутни фаворити, но до трите бода во Удине дојдоа со пресврт. Удинезе, кој беше без Несторовски поради повреда, постигна ран гол, па фаворитот на хартија до посакуваниот триумф дојде во последните седум минути.

Во 10. минута од натпреварот, Јувентус доживеа шок затоа што Молина го отвори резултатот. Удинезе потоа се ориентира на дефанзивна тактика и добро ја бранеше предноста се до самиот финиш. Во 83. минута, Де Пол направи пенал кој во гол го претвори Роналдо, а потоа, Португалецот повторно стапи на сцена и во 89. минута по асистенција на Рабио ја донесе големата победа.

Јувентус е третопласиран во калчото со 69 бода, исто колку и второпласираната Аталанта и четвртопласираниот Милан. Наполи е петти со 67 бода, додека Лацио е шести со 64 бода. До крајот на Серија А има уште четири кола.