Роналдо го напушти репрезентативниот камп и се упати за Манчестер

Кристијано Роналдо доби дозвола да го напушти кампот на португалската репрезентација и се упати кон Манчестер, денес објавија неколку британски медиуми. 

Фудбалскиот сојуз на Португалија му дозволи на својот најдобар фудбалер да си замине од кампот на репрезентацијата и да отпатува за Манчестер за што побрзо да му се приклучи на клубот за кој потпиша во самиот финиш од летниот трансфер период.

Роналдо против Република Ирска имаше историски натпревар и со своите два гола ѝ донесе победа на Португалија од 2-1, а поради лудата прослава при вториот гол доби жолт картон. Таа опомена беше неговиот „излезна виза“ од таборот на селекцијата, бидејќи поради акумулација на картони нема да може да игра против Азербејџан.

Токму поради казната, Роналдо се упатил за Манчестер, каде наскоро ќе им се приклучи на тренинзите на Оле Гунер Солскјер. Сепак, според новите мерки во Велика Британија, задолжителен е карантин за луѓето кои доаѓаат од Португалија, па Роналдо пет дена ќе мине во својот дом.

Според најавите за дресот на „ѓаволите“ ќе дебитира на 11 септември против Њукасл.