• Горан Упале

Големата ѕвезда на светскиот фудбал, Кристијано Роналдо триумфално се врати во тимот на Манчестер Јунајтед - голгетерот од Мадеира постигна два гола во своето второ деби во дресот на „црвените ѓаволи“ во победата над Њукасл.
Враќањето на Роналдо на „Олд Трафорд“ го коментираше и легендата на клубот, Гери Невил, кој вели дека Манчестер како град не бил толку жив како во саботата, цели десет години.
„Пред натпреварот бев на прошетка низ центарот на градот и мислам дека Манчестер не изгледал толку живо во претходните пет или десет години. Тоа е значењето на Кристијано за овој град и за целата лига, а тоа беше уште пред да постигне два гола. Не бев на натпреварот, но можам само да замислам колку беше голема возбудата при постигнувањето на головите“, рече легендарниот фудбалер на Јунајтед, Гери Невил во својот подкаст.
Јунајтед на тој дуел со Њукасл славеше со 4-1, а стрелци за тимот на Оле Гунар Солскјер беа и Бруно Фернандез и Џeси Лингард.