• Саше Љолес
Првата ѕвезда на Португалија и Ал-Наср, Кристијано Роналдо по шести пат ќе учествува на Европските првенства, рекорд кој е недостижен за многу легенди на фудбалот.
Дебитантскиот настап на Роналдо беше во веќе далечната 2004 година, кога Португалија загуби во финалето од Грција, а на тој турнир постигна вкупно два гола. Тој е апсолутен рекордер на континенталните собири, има најмногу одиграни натпревари (25), најмногу постигнати голови (14) и играч со најмногу турнири (шест).
Легендарниот Роналдо во својата колекција на рекорди има и најмногу настапи како капитен на национален тим (16), а судејќи по овие бројки, може слободно да се каже дека Португалецот е вистинска икона на Европските првенства.
Ова за него дефинитивно ќе биде последен континентален собир и сигурно ќе сака да се збогува во голем стил. Најефикасно Европско првенство за Роналдо беше во 2021 година, кога постигна пет гола, но неговиот тим беше елиминиран уште во осминафиналето, а единствениот трофеј го освои во 2016 година, кога се повреди во големото финале и од клупата го дочека крајот на мечот, по што Португалија за првпат во историјата стана континентален владетел.
Португалската репрезентација се вбројува меѓу најголемите фаворити за освојување на титулата, па останува да видиме дали славниот Роналдо ќе успее вторпат во кариерата да се искачи на европскиот трон.