• Горан Упале

Португалскиот фудбалски ас, Кристијано Роналдо повторно критикуваше и продолжи да упатува обвинувања кон клубот и тренерот со кој соработуваше во вториот мандат на „Олд Трафорд“.
Португалскиот репрезентативец пред неколку дена го шокираше светот со зборовите дека клубот го предал, како и непочитувањето на менаџерот Ерик Тен Хаг, а на мета повторно се најде поранешниот тренер на англискиот великан, Ралф Рангник.
„Кога Солскјер беше отпуштен, требаше да донесеме вистински тренер, а не спортски директор... Ми се допадна да работам со Солскјер. Не го гледав Рангник како тренер“, изјави Роналдо во првиот дел од интервјуто за новинарот Пирс Морган, кое што беше емитувано вечерва.
Тој ги критикуваше и младите играчи на „црвените ѓаволи“.
„Младите се проблем во сите лиги. Денешната младина се разликува од мојата генерација. Но, не можам да ги обвинам - животот продолжува и работите се менуваат и напредуваат. Тие се фокусирани на различни технологии. Најважно е што не знаат да слушаат. Влегува во едното уво, а од другото излегува. За жал, тие веќе не се заинтересирани за фудбал како порано“, одлучно одговори Португалецот.
Роналдо очекуваше да се врати во подобар Манчестер Јунајтед…
„Навистина мислев дека сè ќе се смени по тринаесет години. Но, тогаш бев изненаден - на лош начин. Сè беше исто“.
37-годишниот напаѓач призна дека бил блиску до преселба во Манчестер Сити летото 2021 година, но по интервенцијата на Алекс Фергусон го избрал клубот од „Олд Трафорд“.
„Па, да бидам искрен, преселбата во Сити беше блиску. Зборуваа многу, а Гвардиола најави дека ќе се обидат да ме ангажираат. Но, како што знаете, мојата историја е со Манчестер Јунајтед. Моето срце се чувствува како порано, и тоа направи разлика. И секако Сер Алекс Фергусон. Тоа беше свесна одлука бидејќи срцето во тој момент зборуваше гласно. Мислам дека разговорот со Фергусон беше клучот. Не жалам за одлуката“, додаде Роналдо.
Поради интервјуто за Пирс Морган искусниот напаѓач се соочува со сериозна казна од страна на неговиот клуб. Засега Јунајтед не донел конечна одлука како ќе возврати на обвинувањата од страна на Роналдо, но едно нешто е кристално јасно – за искусниот напаѓач нема повеќе место во тимот предводен од Ерик Тен Хаг.