Роналдињо: Пензија? - Не, благодарам, се враќам на терените во втората половина од годината

Легендарниот Роналдињо изјави дека не планира да стави крај на својата богата кариера. Еден од најдобрите и најзабавните фудбалери на сите времиња, од септември минатата година е без ангажман, кога после два месеци престој во Флуминензе спогодбено го раскина договорот.

„Моментално работам на промоција на фудбалот, но да бидете сигурни дека во втората половина од оваа година повторно ќе се вратам на фудбалските терени“, изјави Роналдињо.

Моментално 36-годишниот Бразилец, кој ќе остане запаметен по одличните игри во тимот на Барселона и еден од ретките фудбалери кои заработиле аплауз на „Сантијаго Бернабеу“, вели дека можел многу лесно да заврши во Англија.

„Се се одвиваше многу брзо. Мојот добар пријател Сандро Росел се кандидираше за член на управата на Барселона, и уште тогаш ме запраша дали доколку победи би се преселил во каталонскиот гигант. Во тие моменти бев многу блиску до Манчестер Јунајтед, но добив повик од Росел, кој ми рече дека е блиску до победата, што беше една од главните причини за промена на тимот во последните мигови“, заврши Роналдињо.

Во богата кариера има освоено титула со Гремио, Барселона, Милан и Фламенго. Исто така има и пехар од ЛШ, Клупското светско првенство и Копа Либертадорес. Во 2002 година со селекцијата на Бразил ја освои и титулата Светски првак.