• Иван Димовски

Фудбалерите на Романија не можеа ниту да посакаат подобар старт на Европското првенство, бидејќи во за себе клучниот натпревар убедливо ја совладаа Украина со 3-0 (1-0). Натпреварот од групата Е кој се одигра на „Алијанц Арената“ наликуваше како да се игра среде Букурешт поради огромната романска поддршка, а навивачите имаа што да видат и уживаа во случувањата на теренот.
- Извештај од натпреварот:
Во пресметката се влезе со израмнето темпо, без претерано многу возбудувања од првата минута. Украинците повеќе ја имаа топката на средината од теренот, меѓутоа не креираа ниту една опасна акција. Првиот гол за Романците падна во 29. минута. По една дефанзивна грешка голманот Лунин мораше бргу да исфрла, па го пронајде само Денис Ман. Тој ја одложи топката до капитенот Николае Станчиу, кој со ефектен удар го матира украинскиот голман (1-0). До полувремето се тресеше и пречката, бидејќи Станчиу директно од корнер со многу ефе го измами голманот, ама немаше среќа.
Иако во вториот дел се очекуваше Украинците да тргнат максимално посветено по израмнувачки гол, не успеаја во тоа. Напротив, по само осум минути игра Романците ја удвоија предноста (2-0). Разван Марин налета на една топка на 25 метри и со перфектен удар го измами Лунин. Не се чекаше долго ниту за трет погодок, бидејќи Украинците беа во „нокдаун“. По еден кратко изведен корнер во 57. минута Ман испрати топка на петерецот, а таму ја сочека Денис Драгуш и ја смести во мрежата за 3-0.
Во завршницата од натпреварот Украина имаше неколку можности за почесен погодок, меѓутоа голманот Флорин Ница беше на висина на задачата, а во судиското продолжение Јаремчук ја погоди и пречката.