• Саше Љолес

Рома на Мурињо беше домаќин на Сасуоло на својот „Олимпико“ во Рим, навивачите се надеваа дека нивните миленици можат да стигнат до важни бодови, но во спектакуларен натпревар беа поразени од одличниот тим на Сасуоло со 3-4 (1-3).
- Извештај од натпреварот:
Мечот започна кошмарно за тимот на Жозе Мурињо, затоа што Сасуоло го занеме стадионот со двата гола постигнати од истиот играч, Арман Лауриенте. Французинот во период од пет минути двапати го совлада Руи Патрицио, а домашните беа во шок и им требаше малку време да се соземат. Двата гола на Лауриенте беа постигнати во 13. и 18. минута од дуелот.
21-годишниот Полјак, Никола Залевски, успеа да го намали резултатот на 1-2 во 26. минута и Рома почна малку посериозно да изгледа на теренот. „Волчицата“ ја презема иницијативата, но не успеа да постигне и втор погодок, а пред самиот судиски свиреж за пауза, агонијата на домаќините се зголеми откако албанскиот бек Кумбула направи прекршок за пенал и заработи директен црвен картон по прегледот на ВАР-снимката. Прецизен реализатор беше Доменико Берарди и Сасуоло замина на полувремето со играч повеќе и со големи 1-3.
Рома успеа квалитетно да го отвори вториот дел, па еден од најдобрите играчи во Серија А, Пауло Дибала, успеа малку да ја „залечи раната“ на домашните и намали на 2-3 со прекрасниот погодок во 51. минута. Аргентинецот биеше силно и прецизно од работ на шеснаесетникот, а гостинскиот голман беше немоќен.
„Волчицата“ се обидуваше со сите сили да стигне до израмнување, но Сасуоло умешно ја користеше бројчаната предност на теренот и успеа по четврти пат да ја затресе домашната мрежа преку Андреа Пинамонти, кој го постигна само четвртиот гол сезонава во Серија А. До крајот Рома успеа само да го ублажи поразот и постигна трет погодок преку Вајналдум во 95. минута.
Со денешниот пораз, Рома направи мал чекор назад во битката за пласман во Лигата на шампионите и сега е на петтото место со 47 бодови, додека Сасуоло продолжува да го зема „скалпот“ на фаворитите и со третата победа во низа се наоѓа на дванаесеттото место на табелата во италијанската Серија А.