ВИДЕО: Рома трипати се враќаше од негатива и освои голем бод кај Милан

Милан и Рома понудија вистинска драма на „Сан Сиро“ и одиграа реми од 3-3 (1-1), во последниот дуел од петтото коло во Серија А. Ибрахимовиќ и Салемакерс трипати носеа предност за својот тим, ама Рома трипати се враќаше и израмнуваше, па на крајот Пиоли и Фонсека мораа да се задоволат со по бод.

  • Извештај од натпреварот:

Натпреварот имаше старт од соништата за Милан, бидејќи по само две минути игра, практично од првата акција стигна до предност. Рафаел Леао повлече од лево кон средина и со одличен лоб-пас ја префрли одбраната и му „сервира“ топка на Ибрахимовиќ, кој со приемот го измами Миранте и ја смести топката во мрежата за 1-0.

Сепак, радоста не траеше премногу, бидејќи веќе во 14. минута Един Џеко израмни. Пелегрини изведе корнер од левата страна, резервниот голман Татарушану направи кикс и излета во празно, па Босанецот само ја погоди празната мрежа (1-1). Милан заигра подобро по примениот гол, тргна во офанзива и го контролираше темпото. Искусниот Миранте ги бранеше ударите на Ромањоли, Хернандез и Чалханоглу, а Кјаер ја погоди стативата со глава по корнер. На спротивната страна, романскиот голман сепак прикажа нешто и одбрани шут на Пелегрини по полуконтра.

Вториот дел, слично како и првиот започна во корист на „росонерите“. Рафаел Леао одново одлично повлече, тргна лево и испрати прецизна топка во шеснаесетникот, овојпат до Алексис Салемакерс кој по две минути игра во вториот дел погоди за 2-1. 

Милан мудро одолеваше на налетите на „џалоросите“ и се бранеше. Сепак, судијата Џакомели досуди многу спорен пенал поради старт од Бенасер врз Педро и сигурен егзекутор од белата точка беше Верету во 71. минута. Домаќинот одново не запре и тргна по нова предност. Кумбула невнимателно реагираше и го фаулираше Чалханоглу во спротивниот шеснаесетник, па и Милан доби пенал. Одговорноста ја презеде Златан Ибрахимовиќ кој со сигурен удар донесе нова предност за својата екипа во 79. минута. 

За драмата да биде поголема, се погрижи човекот кој го направи казнениот удар. Мараш Кумбула доби „сервирана“ топка која некој од играчите на Милан ја измести и заврши пред косовскиот стопер кој погоди за 3-3. 

До крајот на натпреварот „росонерите“ можеа да стигнат до нов погодок, бидејќи Франк Кеси со глава биеше од корнер и изнуди рефлексна одбрана од искусниот Миранте, а во последните секунди од слична ситуација голот го промаши и Ромањоли па резултатот остана непроменет.