ВИДЕО: Рома рутински ја совлада Пескара и се одлепи од Наполи

Во последниот натпревар од 33. коло на Серија А, фудбалерите на Рома славеа висока победа на гостувањето кај Пескара со 1-4 (0-2). По денешната победа Рома повторно се одлепи на четири бода од Наполи, во битката за директен пласман во Лигата на шампионите.

Последно пласираната Пескара во првиот дел одолеваше на нападите на „римската волчица“, но само до пред самиот крај на полувремето. Во 44. минута резултатот го отвори Стротман, а една минута подоцна Наинголан со одмерен удар погоди за 0-2 и комотна предност на одморот.

Рома второто полувреме го започна како што го заврши првото, во 48. минута Салах ја искористи асистенцијата од Ел Шарави и со прекрасен удар зголеми на 0-3. Египќанецот и во 60. минута се најде на вистинското место и со неговиот втор погодок денес зголеми на 0-4. До крајот гостинските фудбалери како да се опуштија, а тоа го искористија фудбалерите на Пескара и преку Бенали во 83. минута го постигнаа почесниот погодок, за конечни 1-4.

Во наредното 34. коло на програмата е римското дерби, а фудбалерите на Рома на „Олимпико“ ќе ја имаат улогата на домаќини.