• Мартин Танасковски
Одличниот старт на сезоната и трите победи во низа ги разгореа надежите кај навивачите на Рома дека тимот конечно може да се вмеша во битката за Скудетото. Сепак, искусниот стратег Џан Пјеро Гасперини смета дека на „волчицата“ ѝ се потребни уште засилувања за да остане конкурентна до самиот крај.
Бидејќи преодниот рок во Италија е завршен, Рома може да ангажира само слободни фудбалери, а едно од имињата што сериозно се разгледува е Џејдон Санчо. Англискиот крилен напаѓач летово остана без договор со Манчестер Јунајтед, кој во изминатите сезони безуспешно се обидуваше да ја оживее неговата кариера преку позајмици во Борусија Дортмунд, Челзи и Астон Вила.
На „Олд Трафорд“ дефинитивно се откажаа од некогашниот голем талент, а Санчо неодамна беше поврзуван и со трансфер во бразилски Палмеирас. Сепак, до договор не дојде, па сега Рома се појавува како најреална опција за продолжување на неговата кариера.
Во римскиот клуб веруваат дека 25-годишниот Англичанец сè уште поседува квалитет да направи разлика на теренот, но во исто време сакаат да се заштитат од евентуален неуспех. Поради тоа, Рома подготвува специфичен договор според кој Санчо би добивал поголем дел од заработката преку бонуси и учинок, наместо преку висока фиксна плата.
Останува да се види дали ваквите услови ќе бидат прифатливи за англискиот фудбалер, кој веќе два месеца е без клуб и нема премногу опции на располагање.

