Рома на Гасперини не е шега: Пресврт-победа за „волчицата“ во Фиренца! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Рома ја забележаа петтата првенствена победа во Серија А, бидејќи славеа на гостувањето кај Фиорентина со 1-2 (1-2). Избраниците на Џанпјеро Гасперини со пресврт успеаја да го совладаат домаќинот на „Артемио Франки“ и барем до вечерва ќе бидат лидер на табелата. Моментално Рома има 15 бода, додека Милан и Наполи кои уште не играле во оваа рунда имаат по 12.

Резултатот во Фиренца го отвори Моисе Кеан, откако во 14. минута погоди по асистенција од Николуси. Радоста за домашните траеше кратко, бидејќи Матијас Суле успеа да донесе израмнување само осум минути подоцна (1-1). 

Бргу потоа „волчицата“ го комплетира и пресвртот, овојпат Суле беше асистент, а стрелец беше Брајан Кристанте за 1-2. Откако го презеде водството, Рома на Гасперини одигра многу мудро и сталожено, па тоа го круниса со одбрана на предноста и голема гостинска победа.

Убедлива победа забележа екипата на Болоња, совладувајќи ја Пиза со 4-0. Уште во првиот дел беше решено прашањето за победникот на „Ренато Дал'Ара“ бидејќи со головите на Камбиаги, Моро и Орсолини домашните водеа убедливо. Потоа точка на победата стави Одгард на стартот на продолжението.