• Саше Љолес

Екипата на Рома успеа барем за момент да ја прекине низата лоши резултати и славеше победа со убедливи 4-1 (3-0) против Сампдорија во осминафиналето од Купот на Италија.
„Волчицата“ конечно проработе офанзивно и го торпедираше второлигашот со головите на Шоморудов и Балданци, а најдобар поединец на мечот беше Украинецот Артем Довбик, кој постигна два гола во првото полувреме.
- Рома - Сампдорија 4-1:
Гостите успеаја да ја затресат мрежата преку Шпанецот Јепес во 61. минута, но немаа сили за ништо повеќе на полупразниот „Олимпико“ во Рим.
Пласман меѓу осумте најдобри претходно обезбеди и хитот во Серија А, Аталанта, која без проблеми ја уништи Чезена со огромни 6-1. По двапати кај домаќинот стрелаа Самарџиќ и Де Кетеларе, а листата на стрелци ја дополнија уште Запакоста и Брешанини.
- Аталанта - Чезена 6-1:
Утревечер се игра дуелот на Интер и Удинезе, со кој се заокружува осминафиналето на Копа Италија. Победникот ќе го даде противникот на Лацио во четвртфиналето. Во другите парови се среќаваат Јувентус - Емполи, Болоња - Аталанта и Милан - Рома.