ВИДЕО: Рома го преживеа Ајакс, следи двомеч за финале со „ѓаволите“ на Оле

Рома ја оствари целта, остана непоразена на домашен терен против Ајакс (1-1) и патува во полуфиналето од фудбалската Лига на Европа, натпреварување во кое тимот цели на титула.

  • Извештај од натпреварот:

Холандските „копјаници“ ја имаа благата фаворитска улога на овој натпревар, меѓутоа на „Олимпико“ не успеаја да ги искористат своите шанси. Избраниците на Тен Хаг малку ги пресече и поништениот гол во второто полувреме, па Рома на тактички план ја сочува предноста од првата средба во Холандија.

Уште на самиот старт на мечот Ајакс се соочи со проблем, затоа што во 22. минута гостинот мораше да прави принудна измена поради повреда на Клајбер. Во првото полувреме немаше голови, а само што почна второто, во 49. минута, Шурс, кој влезе од клупата, асистираше до Броби и донесе предност за Ајакс.

Во 56. минута, Душан Тадиќ успеа да стрела за Ајакс, меѓутоа ВАР ја скрати радоста на гостите. Се прегледуваше ситуацијата скоро две минути, па се оцени дена при акцијата имало прекршок и голот беше поништен. Тоа како да ги пресече гостите, па ѝ дозволија на Рома да пристиска и во 72. минута Џеко се најде осамен во казнениот простор, па изедначи на 1-1.

Последните дваесет минути беа вистинска тактичка борба, со хепи-енд за Рома. Италијанскиот калчолигаш покажа голема дисциплина во играта, а Ајакс иако се обидуваше преку брзи контри да дојде во шанса, сепак, не доби ниту една зрела прилика да се закани дека може да дојде до евентуални продолженија.

Рома во следната фаза на Лига Европа ќе се соочи со Манчестер Јунајтед.