• Саше Љолес
Премиерлигашот Челзи засега останува на ставот дека Енцо Фернандез ќе го носи синиот дрес и во новата сезона. Рокот што лондонскиот клуб им го постави на заинтересираните екипи за доставување понуда од 120 милиони фунти истече, но официјална понуда не пристигнала.
Челзи им порача на потенцијалните купувачи дека имаат време до 17:00 часот по британско време да испратат понуда за 25-годишниот аргентински репрезентативец. Според последните информации, ниту еден клуб не го направил тоа. Најголем интерес за Фернандез покажува Манчестер Сити, кој сепак сè уште не се откажува од идејата да го доведе на „Етихад“.
Доколку некој клуб ја активираше сумата од 120 милиони фунти, трансферот ќе се најдеше меѓу четирите најскапи во историјата на фудбалот. Сепак, ситуацијата може да се промени во финишот на преодниот рок. Многу ќе зависи од иднината на Родри. Доколку Шпанецот го напушти Сити и се пресели во Барселона, Манчестер Сити би можел повторно сериозно да тргне по Фернандез.
Иако рокот поставен од Челзи истече, тоа не значи дека трансферот е целосно исклучен. Крајниот рок за трансфери е први септември, па до тогаш останува простор за нова понуда и евентуален пресврт.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.






