ВИДЕО: Роџерс дебитираше со пораз, Греј во 92. минута го расплака Лестер

Поранешниот менаџер на Ливерпул, Брендан Роџерс, по неколку години успешна работа во Селтик се реши да се врати во Премиер лигата и на своето деби за Лестер Сити запиша болен пораз на тешкото гостување кај тимот на Вотфорд (2-1). 

Денешниот ден од 29. коло од англискиот шампионат беше отворен со атрактивен меч на „Викериџ Роуд“, на кој во текот на сите 90 минути доминираа „лисиците“, но тоа беше недоволно за да го скршат отпорот на лондонскиот тим, кој со овие три бода се зацврстија на осмата позиција на табелата. 

Дуелот започна со возбудување пред голот на Шмајхел и водство на Вотфорд од 1-0. Радост за домашните фанови донесе искусниот Дини, кој во 5. минута на асистенција на Делофеу, ја смести топката зад грбот на данскиот чувар на мрежата. На полувреме се замина со предност на домаќините, кои во вториот дел целосно се повлекоа на својата половина и по серијата полушанси Лестер преку својот прв ас Џејми Варди успеа да израмни на 1-1. 

Сепак, во моментите кога се очекуваше последниот судиски свиреж, Дини го проигра нововлезениот Греј, кој беше присебен и го совлада Шмајхел за победа на Вотфорд од 2-1.

Во следното коло избраниците на Грасија пред себе имаат уште еден голем испит и дуел со шампионот Манчестер Сити, додека Роџерс прва победа ќе брка пред својата публика против Фулам.