• Зоран Мишевски
Во денешното финале на ФА Купот, Манчестер Јунајтед го совлада градскиот ривал Манчестер Сити со 2-1, па тимот на Пеп Гвардиола остана без двојна круна. Жереми Доку постигна утешен гол за „граѓаните“ на три минути пред крајот, а во првиот дел Алехандро Гарначо и Коби Мајно погодија за тимот на Тен Хаг.
Од ваквиот расплет нема да бидат задоволни во соблекувалната на Гвардиола, но посебно ќе биде разочаран шпанскиот фудбалер Родри. Имено, по точно 474 дена, односно година и скоро четири месеци, овој играч конечно доживеа пораз во дресот на Сити. Поточно, тој немаше загубен натпревар на 74 клупски натпревари во низа, серија која трае од февруарскиот меч со Тотенхем (1-0).
Секако, екипата на Пеп загуби во овој период, но секогаш без Родри во составот. Исто така, заврши серијата на Сити од 35 натпревари без пораз во сите натпреварувања, а последен што го совлада шампионот беше Астон Вила под водство на Унаи Емери.