Родри претставен на „Итихад“: Едвај чекам да почнам да работам со Пеп

Премиерлигашкиот шампион Манчестер Сити денес го претстави Родриго Хернандез Касканте - Родри, фудбалер за врска кој вчера од Атлетико Мадрид пристигна на „Итихад“. Гвардиола даде „зелено светло“ да биде платена откупната клаузула вредна 70 милиони евра. 

Шпанскиот репрезентативец, кој имаше право да игра и за У21 селекцијата која во неделата стана европски првак, денес стави потпис на петгодишен договор со „граѓаните“ и го облече дресот со бројот 16.

„Се радувам што ќе бидам дел од толку талентиран тим. Начинот на кој ги освојуваат трофеите, и тоа што постојано играат напаѓачки фудбал, е тоа што најмногу ми се допаѓа. Едвај чека да почнам да работам со Гвардиола и новите соиграчи и се надевам заедно ќе се радуваме на многу успеси“, рече Родри.

Шпанецот, кој поникна во Атлетико Мадрид и една сезона мина на позајмица во Виљареал, стана второ најскапо засилување во историјата на клубот од Манчестер по Кевин Де Брујне.