• Саше Љолес
Шпанскиот репрезентативец и член на Манчестер Сити, Родри, се закити со признанието за најдобар играч на Европското првенство, а веднаш по финалниот натпревар со Англија изјави дека неговиот тим допрва ќе се искачува на светскиот трон.
„Фуријата“ одигра одличен турнир и ги победи сите противници, а Родри беше еден од најзаслужните за големиот успех и освојувањето на четвртата европска титула.
„Честитки за Англија, имаат одлични играчи. Тука е и Кол Палмер, кој ќе биде неверојатен играч. Моравме да ги запреме со сите наши оружја и среќен сум што успеавме во таа намера. Одигравме скоро перфектно и горд сум на сите соиграчи. Мораме да го градиме овој тим и во иднина да бидеме уште посилни.
Замислете како би изгледала оваа Шпанија кога младите ќе станат малку позрели. Сакаме допрва да го искачуваме светскиот трон, па сега мисијата ни е Мундијалот за две години. Сега ќе прославиме, а потоа со мислите ќе бидеме на следните предизвици. Испишавме историја, но не запираме тука“, рече Родри.
Избраниците на Луис де ла Фуенте беа објективно подобар ривал во големото финале. Родри беше вистински лидер на тимот и го покажуваше својот огромен квалитет во текот на целиот турнир.

