Робертсон: Мечтаеме првпат да ја одведеме Шкотска во нокаут-фаза

Илјадници шкотски фанови денес ги наполнија сите плоштади во Минхен. Се слуша шкотската гајда, песната на „Тартан арми“, а пивото се пие од утринските часови. Таа позитивна енергија фановите ја пренесоа и до фудбалерите, кои на прес-конференцијата ветија големи работи. 

„Во тешка група сме, но мечтаеме да бидеме првиот шкотски национален тим кој ќе се пласира во нокаут-фазата. Германија е селекција за која не треба посебно да се трошат зборови и нивното искуство говори за каква репрезентација се работи. Но, ние сме спремни, имаме одлична група, атмосферата е на врвно ниво и верувам дека имаме свои опции“, вели Робертстон.

Иако минатата недела се повреди на бизарен начин на тренинг, Робертсон ќе почне од првата минута утревечер.

„Подготвен сум. Знам дека имав неколку денови без тренинг, но за овој натпревар ќе бидам спремен да го дадам најдоброто од себе“, заврши асот на Ливерпул.

Скот МекТоминеј со седум постигнати гола беше прв стрелец на шкотската репрезентација во квалификациите.