ВИДЕО: Ривер со два пенали граби кон полуфиналето и Суперкласико против Бока

На повидок е нов двоен спектакл во Аргентина и Јужна Америка. 90 минути ги делат Ривер и Бока до меѓусебно полуфинале на Копа Либертадорес. Во последниот четвртфинален натпревар, на преполниот „Монументал“ во Буенос Аирес, Ривер го победи првакот на Парагвај, Серо Портено со 2-0 (1-0) и стекна одлична залиха пред реваншот следната недела.

  • Извештај од натпреварот:

Одлично почнаа бранителите на титулата, откако судијата со посредство на ВАР-системот досуди најстрога казна за домаќините, а Начо Фернандез го трансформираше, совладувајќи го поранешниот голман на Ривер, Хуан Каризо.

До одморот момците на Гаљардо креираа серија на шанси преку Боре, Матијас Суарез и Начо Гонзалез. На почетокот од вториот дел пак Начо Гозналез погоди, но по прегледувањето на снимката, голот оправдано беше поништен заради игра со рака на Матијас Суарез.

Сепак, во 65, минута Каризо го сруши Боре и по вторпат главниот судија покажа на белата точка. Сантос Боре ја презеде одговорноста и го матира Каризо за 2-0. Гаљардо ја затвори екипата, фудбалски Ривер застана на топка и лесно го приведе натпреварот кон крајот.

Со оглед на тоа што Бока славеше во Еквадор против ЛДУ Кито со 0-3, а Ривер има добра залиха пред реваншот во Асунсион, огромна е веројатноста за уште две Суперкласика, по ланските на „Бонбоњера“ и „Сантијаго Бернабеу“.