Ривалот на Вардар врати репрезентативец пред дуелите во ЛШ

Финскиот шампион КуПС продолжува да го засилува тимот пред настапите во квалификациите за Лигата на шампионите, каде ќе се соочи со Вардар. Клубот од Куопио официјално го потврди враќањето на играчот за врска Томи Јири, кој потпиша договор до крајот на сезоната 2027.

26-годишниот фудбалер пристигнува од романскиот прволигаш Петролул Плоешти, каде во изминатите две и пол години беше еден од најстандардните играчи во тимот. Јири зад себе има богато искуство и добро е познат во финскиот фудбал. По заминувањето од КуПС во 2021 година, тој настапуваше за Интер Турку, каде се разви во еден од најдобрите играчи за врска во Веикауслигата и беше капитен на клубот во сезоната 2023.

На почетокот на 2024 година се пресели во романскиот шампионат, а во дресот на Петролул одигра речиси 90 официјални натпревари и се наметна како еден од клучните играчи на тимот.

Одличните настапи во Романија му донесоа и повик во репрезентацијата на Финска за квалификацискиот циклус за Светското првенство во 2025 година.