Ристовски си заминува од Динамо, следна дестинација Емиратите или Македонија?

Динамо Загреб ќе доживее големи промени во играчкиот кадар ова лето. Меѓу играчите кои нема да го носат дресот на загрепскиот клуб следната сезона е Стефан Ристовски, 33-годишен Македонец, пишуваат хрватските медиуми. 

Ристовски ја одбил понудата за нов, финансиски помал и пократок договор. Хрватските медиуми пишуваат дека тој веќе се збогувал со Динамо и клубот ќе го напушти во понеделник, еден ден по завршувањето на сезоната во која „модрите“ се надеваат дека ќе успеат да ја одбранат титулата.

Еден од сенаторите на Динамо сè уште не е познато каде ќе ја продолжи кариерата. Веќе некое време се шпекулира дека неговиот агент Матеј Шкегро му бара ангажман на Блискиот Исток, особено во Емиратите, но доколку таквите планови не се остварат, не е исклучено Ристовски да се врати во Македонија и да игра уште една година.

Македонскиот бек е со Динамо од февруари 2021 година, а пред тоа играше за Риека. Одигра 184 натпревари за Динамо и постигна седум гола со 19 асистенции. Неделниот натпревар против Вараждин ќе биде неговиот 185-ти и проштален настап во синиот дрес.