ВИДЕО: Ристовски прецизен во пенал-рулетот, Спортинг ја мина Брага за финале во Лига Купот

Фудбалерите на Спортинг Лисабон ќе бидат противникот на Порто во финалето на португалскиот Лига Куп, откако вечерва по изведувањето на пеналите славеа на гостувањето кај Брага (1-1, 3-4).

Нашиот репрезентативец, Стефан Ристовски, повторно беше во првиот состав на Кејзер и ги одигра сите 90 минути, а беше и еден од клучните фигурни во пенал-рулетот, реализирајќи во петтата серија. 

Натпреварот на „Естадио Муниципал де Брага“ започна подобро за домашните фудбалери, кои по само три минути игра стигнаа до водство од 1-0. Радост на домашната публика донесе Соуса, кој на асистенција на Новаиш биеше неодбранливо за Рибеиро и Брага поведе со 1-0. 

Сепак, Спортинг за краток период успеа да се врати во игра и преку дефанзивецот Себастијан Коатес во 37. минута израмни на 1-1, резултат со кој се замина на одмор. Само што започна вториот дел, Новаиш ја затресе гостинската мрежа, но по реакција на ВАР, голот на Брага беше поништен, поради претходен фаул за Спортинг. 

Фудбалерите на Брага и во продолжение доминираа на теренот и преку Рикардо и Новаиш пропуштија изгледни шанси за ново водство, а ВАР-системот во 88. минута повторно не беше на нивна страна, откако не досуди удар од 11 метри, па мечот мораше да се решава со удари од 11 метри, во кои поуспешни беа гостите и славеа со 3-4.