ВИДЕО: Ристовски одигра одличен меч, Спортинг едвај спаси реми против Брага

Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски го одигра првиот комплетен натпревар во португалската Примеира оваа сезона, но неговиот Спортинг одигра луд дуел, во кој резмизираше со Брага, 2-2 (0-0), со постигнат израмнувачки гол во последната секунда. 

Откако настапи скоро цел натпревар против Јувентус, Ристовски повторно добро си ја заврши работата и се наметнува како прва опција за десната бековска позиција пред Италијанецот Пичини.

Холанѓанецот Бас Дост во 60. минута ги доведе домаќините во водство, но концентрацијата на „зелено-белите“ опадна во финишот, па како и во двата натпревари против Јувентус, Руи Патрисио беше совладан во последните мигови и против Брага. 

Со двата гола на Данило, првиот од пенал во 85. минута, а вториот од игра, четири минути подоцна, се чинеше дека Брага ќе ги однесе сите три бода од „Жозе Алвеладе“. Тогаш Бруно Фернандез од пенал во 96. минута го спаси домашниот тим и донесе еден бод (2-2).

По ова реми Спортинг собра 27 бода, еден повеќе од Бенфика, а четири бода помалку од лидерот Порто.