Ристовски ја удри „стотката“ за Динамо како лидер и миленик на „БББ“

Македонскиот фудбалер Стефан Ристовски прослави јубилеј во дресот на Динамо Загреб и го одигра стотиот настап.

31-годишникот против Осијек по стоти пат беше во дресот на „модрите“, со што се потврдува дека капитенот на нашиот национален тим е незаменлив дел од првиот тим на хрватскиот фудбалски првак.

Две години по трансферот, Ристовски поради својата борбеност ужива голема репутација во Загреб. По заминувањето на Аријан Адеми, во него се гледа како лидер на екипата со карактерот и желбата која ги покажува на терен.

Истовремено, тој е и миленик на навивачката група „Бед блу бојс“, иако претходно играше во Ријека која важи за ривал. Ристовски по секој натпревар е првиот кој заминува кај навивачите. Хрватските медиуми велат дека секој цент се исплати за Ристовски и искрено се надеваат дека во иднина клубот пак ќе пронајде некој „нов Стефан“.