Ристовски излезе на полувреме, Динамо Загреб убедлив на гости кај Хрватски Драговољац

По неочекуваниот пораз на отворањето на шампионатот од Славен Белупо, хрватскиот шампион Динамо Загреб ја забележа првата победа во новата сезона на ХНЛ.

„Модрите“ покажаа моќ против Хрватски Драговољац и со убедливи 0-4 ги впишаа воведните три бода на своето конто. Со по два гола во двете полувремиња, Динамо покажа дека киксот против Славен беше само лош ден, а со оглед на настаните во текот на сите 90 минути, може да жали што не славеше уште поубедлива победа.

Резултатот го отвори Мајер со погодок во 19. минута, а на 10 минути до паузата Сутало стрелаше за 0-2. Во вториот дел шампионот со головите на Гаврановиќ и Мајер ја потврдија доминацијата и извојуваа заслужен триумф од 0-4.

Аријан Адеми поради повреда не настапи на овој дуел, додека вториот македонски репрезентативец кој што ги брани боите на Динамо, Стефан Ристовски одново се најде во стартниот состав, но ги одигра само првите 45 минути.