Ристовски: Имаме сили за победа и над Португалија, се надевам на голем дочек во Скопје!

Во моментите кога нашиот напад беше силно критикуван, а ни недостигаа и Елмас, Несторовски и Јаховиќ, Македонија пронајде начин да постигне гол и да ја сочува својата мрежа вечерва на „Ренцо Барбера“ и да испише уште една страница од својата историја.

На средбата со новинарите зборуваше капитенот Стефан Ристовски. Тој најави кратко славје, а потоа и целосен фокус на натпреварот со Португалија.

„Не може да поверувам уште што направивме. Ја совладавме Италија, европски првак, на гостински терен. Не се опишува ова чувство. Се надевам дека и јас ќе дочекам еден дочек пред полн плоштад во Скопје. Имаме сили да ја победиме Португалија, имаме и енергија, не сме уморни, исполнети сме целосно. Сакам прво да прославам, па потоа да се спремаме за Порто“, вели Ристовски.

Вечерва „Фалангата“ ќе слави на Сицилија, а од утре го подготвува следното патување, во северниот португалски град – Порто.