ВИДЕО: Ристовски и Спортинг го „треснаа“ Порто за трофеј од Лига Купот!

Стефан Ристовски го освои вториот трофеј по преминот од Хрватска во Португалија, откако вечерва во Брага во драматично финале на португалскиот Лига Куп, Спортинг го совлада Порто по изведувањето на пенали, откако израмни во 90. минута и чист пораз претвори во победа од 2-4 по казнени удар. Дуелот во регуларниот тек заврши 1-1. 

Екипата на нашиот репрезентативец беше поактивна во првиот дел. Прв се закани Нани, од дистанца биеше и Ристовски, а и со глава шанса имаше и Холанѓанецот Бас Дост. Сепак, по скромното прво полувреме, екипата на Серџо Консеисао се разбуди по одморот. Муса Марега ја имаше првата шанса, а Мексиканецот Корона во 71. минута прокоцка колосална можност.

Кога се очекуваше крај и пенал-рулет, во 85. минута резервистот Фернандо Андраде беше најприсебен по една гужва пред голманот на Спортинг, кој грубо погреши и ја втурна топката во небренетата мрежа (1-0). Во првата од шесте минути од судиското надополнување, Дост беше фаулиран од Шпанецот Оливер Торес и по консултација со ВАР-системот, судијата Жоао Пињеиро покажа на белата точка.

Дост ја презеде одговорноста и го матира Вана за финални 1-1. Одлуката за победникот ја дадоа пеналите. Во фудбалската лотарија, Милитао, Хернани и Фелипе не реализираа казнени удари и Спортинг славеше со 2-4.

Стефан Ристовски ги одигра сите 90 минута, доби жолт картон, но како победник го слави Лига Купот на Португалија.