Ристовски: Горд сум на Стефан, мојата цел е да се борам за повик во А-тимот!

Македонскиот интернационалец, Милан Ристовски заздравува по фрактурата на левата нога. Младиот и перспективен напаѓач ја комплетира позајмицата во Спартак Трнава, каде ќе треба да ја врати посакуваната форма и да докаже дека има квалитет да добие шанса во нападот на Ријека. 

Во разговор за Gol.mkМилан ни одговори на неколку прашања на повеќе теми околу својата кариера, заздравувањето и односот со својот брат Стефан. 22-годишникот започна за новиот клуб, амбициите и се заблагодари за шансата која ја доби од Спартак, како и заздравувањето од повредата. 

„Очекувам период каде што ќе се вратам што поскоро во еден натпреварувачки ритам и ќе се обидам на најдобар начин да ја искористам оваа шанса што Трнава ми ја пружа после една тешка повреда од која се враќам.

Заздравувањето оди доста забрзано и, иако многу очекуваа дека би се вратил за подолг период,  јас се чувствувам подобро од тренинг во тренинг и се надевам дека ќе ме видите на терените во најскоро време“, смета Ристовски. 

Ристовски беше младински репрезентативец на Македонија, еден од најдобрите во својата генерација. Сепак, на прашањето дали е спремен да одговори на повик од селекторот Игор Ангеловски во сениорскиот тим, тој беше скромен. 

„Јас сум спремен секогаш да одговорам на секој предизвик. Мојата цел и сон како У21 репрезентативец е еден ден го носам и дресот на А тимот. За тој повик останува на мене да продолжам да работам напорно и да се трудам да пружам што подобри игри во секоја следна шанса“, ни кажа Милан. 

Секако, прашање кое не можеше да побегне беше за неговиот брат. Стефан Ристовски е стандарден првотимец во тимот кој обезбеди пласман на Европското првенство, една од главните „алки“ во селекцијата. Го прашавме Милан дали чувствува притисок како помал брат, поради кариерата на Стефан, а тој имаше само пофални зборови за повозрасниот брат. 

„Тој епитет го носам гордо, затоа тоа што сум горд што имам брат како Стефан.  Иако има луѓе кои тоа го споменуваат во негативна конотација, им посакувам да имаат ваков човек и брат крај себе“, заврши Ристовски. 

Овој фудбалер како дете на Работнички се пресели во младиот тим на Ријека. Ристовски беше позајмен во хрватскиот клуб, пред да го комплетира трансферот во 2018 година. Потоа беше позајмуван, заигра за Кршко, а одлично се покажа и во дресот на Нитра и доколку не беше повредата, веројатно ќе добиеше шанса да се бори за место во Ријека. Сега, пред него е период на враќање во натпреварувачки ритам и обид што побргу да ја заборави повредата.