• Иван Димовски

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми веројатно е пред нова клупска промена. Иако во март се пресели во Пекинг Гуан од Динамо Загреб, играчот за врска е пред кам-бек во таборот на „модрите“. Хрватските медиуми веќе некое време шпекулираат и најавуваат враќање на Адеми во ХНЛ, а веројатно тоа и ќе се исполни. Тој ќе допатува во Скопје, ќе одговори на повикот на селекторот Благоја Милевски и ќе биде на располагање за дуелите со Италија и Малта.
Сепак, гласините за враќање во Динамо сега дополнително ги подгреа Стефан Ристовски. Доскорешниот македонски капитен кој се повлече од репрезентацијата, објави фотографија со Адеми и стави песочен часовник, кој обично означува дека нешто наскоро треба да се случи. Тоа се карактеризира како најава за враќањето на легендата во Динамо Загреб.
Овој клуб е домот на Адеми. За загрепчани низ кариерата Адеми запиша преку сто европски настапи, од вкупно 359 официјални за Динамо. Сега, по само 19 натпревари во дресот на Пекинг Гуан, Адеми веројатно е подготвен да се врати дома и да помогне на Динамо Загреб кој доживеа своевидно фијаско и ќе игра во Конференциската лига на УЕФА.