• Горан Упале

Стефан Ристовски во одлична форма влегува во натпреварите на нашата селекција во првите две кола на новото натпреварување на УЕФА, Лига на нации. Нашата селекција во првото коло ќе се судри со аутсајдерот Гибралтар, а во пресрет на овој дуел десниот бек на Спортинг Лисабон изјави дека фаворитската улога не треба да остане на хартија, туку да се се покажа на терен.
„Долго време сме заедно и добро се познаваме. Тоа е голема придобивка за нас. Ова е нова шанса за нас и за нашата држава. Знаеме кој ни е противникот и кој е неговиот квалитет. Но, никако не смееме да го потцениме и затоа многу време потрошивме за да ја анализираме нивната игра. Денешниот фудбал често знае да донесе изненадувања, но ние веруваме во нас и ќе се вратиме со победа“, смета нашиот дефанзивец.
За првпат во едно натпреварување Македонија ја има улогата на фаворит во една групата, а Ристовски вели дека не треба тоа да остана само на хартија, туку да се докаже на терен.
„Добро е што сме фаворити. Конечно и ние еднаш да ја имаме таа улога. Погледнете ги фудбалерите на списокот, сите играат во квалитетни клубови и одлични лиги. Ние не ни помислуваме да бегаме од фаворитската улога, но тоа мораме да го покажеме на терен. Оваа генерација е подготвена за секој противник и мислам дека нема да ни биде проблем да ги добиеме двата натпревари во оваа фаза“, заврши фудбалерот на Спортинг.
Натпреварот меѓу Гибралтар и Македонија се игра в четврток од 20:45 часот на стадионот „Викторија“ во Гибралтар.