Ристовски: Дадов збор на друг клуб, но сѐ промени еден повик на Мамиќ!

За време на летната реконструкција во Динамо Загреб, предводена од Звонимир Бобан, клубот се раздели со повеќе искусни фудбалери кои со години беа столб на тимот. Дел од таа генерација беше и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој по четиригодишен престој на „Максимир“ се пресели во Сараево.

Ристовски во Загреб пристигна во февруари 2021 година од Спортинг Лисабон за сума од околу еден милион евра. Во тој период, клубот сè уште беше под силно влијание на Здравко Мамиќ, кој, според самиот фудбалер, одиграл клучна улога во реализацијата на трансферот. Во интервју за Вијести, Ристовски откри дека неговиот трансфер во Динамо бил решен за само 24 часа, иако претходно имал договор со АЕК Атина за позајмица.

„Господин Здравко го договори тоа. Јас бев во Спортинг, нешто се закомплицираа работите и морав да си одам и да барам решение. Имав уште две години договор, јас со менаџерот се договорив да бараме трансфер некаде, да одам на позајмица. Немаше никој, останав уште шест месеци во Спортинг. Имаше уште три дена до крајот на преодниот рок, јас му дадов збор на АЕК од Грција дека доаѓам на позајмица, а како Мамиќ дозна за тоа - не знам. И ми се јави, ми рече дека сака да дојдам во Динамо. Јас реков секако, ама му дадов збор на АЕК. Ми рече „Каков АЕК, знаеш ли што сме ние за АЕК...“. Човекот го реши трансферот за 24 часа“, изјави Ристовски.

Овој трансфер уште еднаш ја потврдува улогата која Мамиќ ја имаше во функционирањето на Динамо во тој период, како и динамиката на трансфер-пазарот.