• Горан Упале

Хрватската јавност брои за ситуацијата во соблекувалната на Динамо Загреб. Тамошните медиуми пишуваат стории дека имало поделба, несогласувања меѓу тренерот Чачиќ и дел од соблекувалната, и дека односите се далеку од идеални.
Но, тоа се само шпекулации и невистини, барем така тврди македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски за „Спортске новости“. Македонскиот капитен како и секогаш искрен и без влакна на јазикот ја соопшти вистината за ситуацијата во неговиот тим.
„Најискрено ќе ви одговорам бидејќи не знам поинаку. Една работа многу ме боли, навистина ме боли. Не ми е јасно дека една средба во нашата соблекувална ќе стане јавно она што го разговаравме. Не е работата да сакаме нешто да сокриеме, туку тоа се нашите приватни работи. Не само тоа, туку работите потоа се вадат од контекст затоа што никој не знае каква била ситуацијата во соблекувалната во тој момент, под кои околности нешто се зборувало“, вели Ристовски.
Македонскиот бек зборуваше за средбата на која Чачиќ побарал од своите фудбалери да кажат нешто, а капитенот Аријан Адеми рекол дека нема што да додаде. Некои медиуми претпоставуваа дека Адеми бил лут, затоа не сакал ништо да каже и затоа приказната се претворила во негативна смисла...
„Значи, точно е дека Адеми го кажа тоа... Сепак, колку лошо сето тоа беше извадено од контекст! Имаше добра атмосфера на таа средба, дури би рекол дека имаше и добри шеги. Потоа на крајот Чачиќ ме праша: „Риле, имаш ли што да кажеш, да додадеш?“. Реков дека немам ништо затоа што немав што. Тогаш тренерот рече: „Ајде капитене, кажи нешто“. Аки, брат ми, само се насмеа и рече: „Па, немам ништо, шефе, ајде да одиме...“ А таа шега, бидејќи навистина беше мајтап, беше претставена во медиумите како нешто многу лошо. Често тренерот ги прашува играчите дали имаат што да кажат, дали имаат прашања итн. Најчесто ги нема и тоа е сосема нормално. Сепак, се враќам на тоа како е можно такви работи да излегуваат од соблекувалната? Ова беше шега, но што ако се појават сериозни работи? Дали ќе им откриеме тактики на нашите ривали? Но, очигледно, новинарите во Хрватска се пресилни, па секаде имаат свои врски“, додаде македонскиот капитен.
Потоа Ристовски зборуваше за својот репрезентативен колега.
„Тој не е само мој колега, тој е мој - брат! Ќе ми биде жал ако го напушти Динамо. Многу ми е жал што се најде во сите овие медиумски стории. Аки секако не заслужува такви односи со медиумите. Тој е легенда на клубот, тој е со сите нас 24 часа на ден. Ова што сега го доживува, овие дневни медиумски пишувања за него, се неправедни кон него. Тој ќе остане лидер на оваа соблекувална“, заврши нашиот бек.
Веќе извесен период се шпекулира дека Адеми е на излезни врати од „Максимир“, затоа што наводно имал две конкретни понуди.