Ристевски: Украина е брза и агресивна исто како Австрија (ВИДЕО)

Кире Ристевски статистички е најдобар дефанзивец во квалификациите, но одлука на селекторот беше да го остави на клупата во поразот од Австрија (1-3). Ден по дебито на ЕП 2020 за Македонија, Ристевски говореше за натпреварот и кажа дека е штета што се загубило, но најави борба до крајот против Украина.

„Беше тешко... по химната се наежив, уште тогаш имаше емоции кај мене. Но, за жал, селекторот одлучи да останам на клупата. Натпреварот го видов доста добро, соиграчите играа доста добро. Јас бев спремен да одговорам на предизвикот. Штета што загубивме, бевме доста добри, се надевам дека на следниот натпревар ќе ја подобриме нашата игра. Околу натпреварот со Украина, можам да ветам дека ќе дадеме 100% од можностите за да ги израдуваме сите, посебно нашите навивачи кои допатуваа тука во Букурешт и дадоа големи напори да бидат со нас. Мислам дека и со Украина ќе биде сличен меч како со Австрија, се работи за агресивна екипа која ќе сака да наметне темпо. Следуваат анализи за овој натпревар, ќе видиме со селекторот околу насоките. Мора да бидеме спремни за борба и агресивност“, изјави Ристевски.

  • Целосната изјава на Кире Ристевски:

Украина во првото коло исто така доживеа пораз, од фаворитот Холандија, но во највозбудливиот меч на ЕП 2020 досега со пет гола (3-2). Дуелот меѓу Македонија и Украина се игра на „Националната арена“ во Букурешт, в четврток од 15:00 часот.