• Мартин Танасковски

Искусниот македонски фудбалер, Кире Ристевски, официјално се врати во својот матичен клуб, Пелистер, каде се очекува да биде големо засилување за остатокот од сезоната.
35-годишниот дефанзивец доаѓа од редовите на Македонија ЃП, каде одигра само четири натпревари во сезоната 2025/26, а претходно ги бранеше боите на Струга Трим Лум, Етникос Акна, Пјуник, АЕЛ Лимасол, Ујпешт, Работнички, Славија Софија и уште неколку клубови од Македонија и од странство.
„По многу години поминати на различни терени, чувството да се вратам дома е незаменливо. Се враќам во мојот матичен клуб со голема благодарност и љубов кон сите кои ме поддржуваа низ годините. За мене е голема чест што повторно ќе бидам дел од ова семејство кое отсекогаш ми било блиску до срцето. Со нетрпение ги очекувам новите предизвици и успеси, заедно со тимот и стручниот штаб.
Целта за оваа сезона е јасна – да обезбедиме опстанок во лигата и да покажеме вистински карактер на теренот. Ќе дадеме максимум на секој натпревар и ќе се бориме за секој бод. Од нашите верни навивачи, Чкембари, очекувам поддршка на секој натпревар, бидејќи заедно можеме да ја кренеме енергијата и да ја вратиме гордоста на клубот. Со заеднички труд, пожртвуваност и нивната поддршка, ќе се радуваме на секој успех и заедно ќе го вратиме клубот на местото каде што му припаѓа.“, изјави Ристевски.
Во таборот на „зелено-белите“ се враќа после цели шеснаесет години. Пелистер продолжува со доведувањето нови засилувања за пролетниот дел од сезоната во Првата македонска лига. Ристевски ќе тренира со екипата и ќе биде дел од делегацијата која централниот дел од подготовките ќе ги реализира во Анталија, Турција.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.








