Ристевски: Ги имаме сите предуслови за позитивен старт на Лигата на Нации

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски полека ги решава последните дилеми за стартниот тим кој в четврток ќе се соочи со Гибралтар. Најверојатно последните недоумици се врзани со одбраната и нападот, каде што во последен момент ќе бидат разрешени двојбите за едно или две стартни места.

Искусниот централен дефанзивец Кире Ристевски со оптимизам влегува во подготовките за дуелот со Гибралтар, без да мисли на Ерменија в недела во Скопје.

„Ме радува што веќе подолго време атмосферата во репрезентацијата е одлична. Ги имаме сите услови за добра група, за старт како што очекуваме во Лигата на нации. Имаме искусен состав, многу вакви натпревари во нозете и треба само да го дадеме нашето најдобро издание и оптимист сум дека ќе се вратиме со полн плен. Се обидуваме да не мислиме на следните натпревари, бидејќи секогаш најважен е следниот натпревар“, ни рече Ристевски.

Дефанзивецот пред неколку дена го раскин договорот со Вашаш и наскоро ќе ја открие новата средина. Битолчанецот одигра 23 натпревари за најдобрата репрезентација на Македонија, откако претходно запиша 22 настапи за селекцијата до 21 година.