Ристе Илијовски потпиша за албански Љуфтетари

Младиот фудбалер кој потекнува од школата на Пелистер, Ристе Илијовски во следната една година ќе го носи дресот на албанскиот суперлигаш Љуфтетари. По неколкудневни преговори левиот бек на Пелистер се одлучи да го прифати овој меѓународен предизвик.  

24-годишниот фудбалер ја одбра понудата од Албанија и таа претставува голем предизвик за него. Во нашиот фудбал, Илијовски го носеше дресот на Пелистер, Победа и Младост Царев двор, а кратко настапуваше и за Хотур во исландскиот шампионат.

„Ова е голем предизвик за мене. Го одбрав овој клуб во обид да напредувам. Сакам да му се заблагодарм на мојот матичен клуб, Пелистер, и да му посакам што побрзо да се врати во Првата лига“, ни рече Илијовски. 

Илијовски се обврза на договор на една сезона, а се очекува да дебитира овој викенд кога продолжува албанската Суперлига, а Љуфтетари се среќава со Кастриоти. По есенскиот дел на шампионатот на нашиот сосед, новиот клуб на Илијовски е осмопласиран со 18 бода од исто толку натпревари.