• Горан Упале
Екипата на Ливерпул по трите врзани кикса им се врати на победите во Премиер лигата и во својот дом славеше над Фулам со сигурни 2-0.
Домашниот тим уште од стартот наметна силно темпо и создаде неколку шанси, а иницијативата конечно беше крунисана во 36. минута кога младиот Рио Нгумоха со прекрасен удар донесе водство од 1-0. Само четири минути подоцна, Мохамед Салах зголеми на 2-0, откако одлично реагираше по асистенција на Џонс, а претходно во акцијата одличен продор по левата страна имаше токму младиот Рио.
- Извештај од натпреварот:
Во вториот дел Арне Слот направи дури пет замени, со цел да ги сочува силите за реваншот со ПСЖ во Лигата на шампионите, и со тоа темпото на игра спласна на „Енфилд Роуд“, а ниту во таква ситуација фудбалерите на Фулам не успеаја да направат нешто повеќе и на крај беа приморани да му подадат рака на противникот за извојуваната победа.
Англискиот шампион веќе за три дена го чека најважниот натпревар во сезоната – реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против ПСЖ. По првиот натпревар парижани имаат предност од 2-0.







