Рингов: Без силен Вардар нема силна лига, сега би им нафрлал на Џеко и Манџукиќ

Васил Рингов, легендарниот македонски фудбалер и вардарова легенда, го најави натпреварот меѓу Ренова и Хајдук во квалификациите за Лигата на Европа и во интервју за „Спортски новости“ кажа интересни работи.

65-годишникот вели дека Ренова е незгодна екипа, ама не гледа простор за изненадување во дуелот со Хајдук. Ги гледа „гипсарите“ како една тврда екипа, но смета дека немаат доволно квалитет за европската сцена.

„Ако Хајдук е психолошки подготвен и верува во победа, тогаш не гледам простор за изненадување и како тие би кикснале со Ренова. Нема притисок, нема публика, ќе се игра меч без голем набој. Со оглед на настаните, ако на терен се игра 11 против 11, Хајдук има се во своите нозе. Ренова го одработи мечот со Работнички. Хајдук играше со Динамо Загреб. Загубија во дербито, може Хајдук да загуби од Динамо, од Ријека или Осијек, но Ренова не е на ниво на тие хрватски клубови. Се работи за колектив солиден за македонската лига, но не и за Европа“, вели Рингов.

Тој ја прокоментира македонската лига и смета дека се работи за доста слабо натпреварување.

„Лигата е слаба, малку е гледана. Вардар три години е во проблеми, а без силен Вардар нема силна лига. Го нема Вардар, Пелистер, Тетекс... тука се Силекс, Шкендија, Шкупи. Тука е и Ренова, ама Хајдук нема од што да се плаши. Малку даваат голови, многу натпревари им се 0-0 или 1-0. Играат тврдо, нема да се менуваат и со Хајдук. Сплитќани според мене се големи фаворити“, додаде тој.

На крајот, тој даде интересен коментар. На кои играчи сега би им „местел“ голови со задоволство, како што тоа го правеше со Дарко Панчев во времето во Вардар?

„Кога би играл денес, би им центрирал на Манџукиќ и Џеко. Тие двајца би биле моја мета“, заврши тој.

Крилниот напаѓач кариерата ја почна во 1973 година во Партизан, а потоа играше за Тетекс, Вардар, Динамо Загреб и Ајнтрахт Брауншвајг. Најголема трага остави во Вардар, каде е рекордер по бројот на првенствени голови - вкупно 97.