Риера: Ова беше како хорор-филм, им се извинувам на навивачите!

Тренерот на Црвена Звезда, Алберт Риера, се огласи на социјалните мрежи по болниот пораз од Викторија Плзењ (5-1) и елиминацијата од Лига Европа. Белграѓани во Чешка отпатуваа со предност од 3-0 од првиот меч, но доживеаја дебакл и европската сезона ќе ја продолжат во Лигата на конференции.

Шпанецот ја презеде одговорноста и им се извини на клубот и навивачите.

„Ова боли повеќе од кое било претходно искуство. Прво, сакам да му се извинам на клубот и на нашите навивачи. Имавме голема шанса да бидеме во Лига Европа“, порача Риера.

Шпанецот не сакаше да бара изговори, но сепак ги спомена спорните судиски одлуки.

„Како тренер, одговорен сум за она што се случува на теренот. Но, кога на еден натпревар против вас ќе бидат досудени три пенали, од кои еден е комичен во последната минута, плус црвен картон и низа одлуки против вас - тоа изгледа како хорор-филм. Можеме да играме 100 пати и вакво нешто веројатно нема да се повтори“.

Риера најави детална анализа и можни промени во тимот.

„Ќе ги препознаеме грешките, ќе ги исправиме и ќе донесеме одлуки, дури и ако некои од нив бидат тешки. Мојата одговорност е ваквата ситуација никогаш повеќе да не се повтори“, истакна тренерот.

И покрај тешкиот удар, Шпанецот верува дека сезоната може да се спаси.

„Ќе дадам сè од себе и ќе направам сè што е во моја моќ. Сезоната не е завршена - ни остануваат првенството, Купот и Лигата на конференции. Одиме понатаму“, порача Риера. 

Црвена Звезда сега мора брзо да го заборави европскиот дебакл и да се насочи кон домашните обврски. Пред Риера е период во кој ќе треба да покаже дали може да ги исправи грешките и да го врати тимот на победничкиот пат.