ВИДЕО: Ричарлисон го сруши Челзи, „карамелите“ по две години слават на дерби

По повеќе од две години Евертон победи екипа од големата шестка на англискиот фудбал, откако максимално ги искористи грешките на Челзи и го совлада на „Гудисон парк“ со 2-0 (0-0). Јунак на победата на „карамелите“ беше Бразилецот Ричарлисон, кој во вториот дел постигна гол и изнуди најстрога казна.

  • Извештај од натпреварот: 

Во првите 45 минути „сините“ на Сари, денес облечени во жолти дресови, беа подобар ривал и во неколку наврати можеа да поведат. Игуаин и исвирканиот Баркли ги креираа најзрелите шанси, а Пикфорд сојузник имаше и во дирекот.

Сепак, во вториот дел од два прекини се смени инерцијата на натпреварот и екипата на Португалецот Силва дојде до триумф. Најнапред во 49. минута по корнер од десната страна поранешниот фудбалер на Вотфорд, Ричарлисон беше најприсебен и го совлада Кепа (1-0).  

Сари се обиде со замени да ја врати екипата во колосек, но наместо тоа, Ричарлисон улови контра напад, а невнимателниот Маркос Алонсо го сруши во казнениот простор и судијата покажа на белата точка. Ударот на Сигурдсон, голманот Кепа го одбрани, но од вториот обид, Исланѓанецот ја погоди мрежата (2-0).

Ако беа малку поприсебни, „карамелите“ преку резервистот Волкот можеа да постигна и трет гол, но најдобриот гостински фудбалер Кепа Агирезабалага беше на висината на задачата.

Со овој пораз Челзи направи голем чекор назад кон пласман во Лигата на шампионите следната сезона.