• Иван Димовски
Екипата на Тотенхем слави во една од дерби пресметките на 16. коло во Премиер лигата и тоа убедливо над Њукасл Јунајтед со 4-1 (2-0). „Петлите“ ја израдуваа својата публика со една од најдобрите претстави оваа сезона во англиското првенство. На победата и „кумуваа“ Ричарлисон кој беше двоен стрелец и Хјонг Мин Сон кој даде гол и запиша две асистенции.
- Извештај од натпреварот:
Гостинската екипа прва се закануваше во Лондон. Бруно Гимараеш и Ентони Гордон беа во позиција да го загрозат голот на Викарио, ама не успеаја да погодат. Резултатот беше отворен по 26. минути игра, а стрелец беше Дестини Удоги. Бекот доби проигрување од Сон и погоди за водство на Тотенхем од 1-0. До полувремето на теренот како да постоеше само домашниот тим, статива погоди Џонсон, а на 2-0 зголеми Ричарлисон со својот прв денешен погодок.
Вториот дел тргна со помирно темпо, па од првата посериозна закана Тотенхем дојде до трет погодок. Педро Поро нафрли, а бразилскиот напаѓач Ричарлисон ја смести топката во мрежата по точно еден час игра за 3-0. И вторпат младиот Бренан Џонсон погоди статива во продолжението, се закани и Сон, меѓутоа немаше гол до пред крајот. Тогаш Дубравка направи пенал, а сигурен егзекутор беше корејскиот фудбалер за 4-0.
Њукасл се разбуди во завршницата, постигна почесен погодок преку Жоелинтон, а имаше и уште некоја шанса, ама не избегна убедлив пораз (4-1).