„Рибарите“ стартуваа со второлигашкиот сон, Бочески со четири новајлии

Фудбалскиот клуб Охрид ги започна подготовките за претстојната сезона во Втората македонска фудбалска лига-Запад. „Рибарите“ после осум сезони се дел од второлигашкото друштво, а целта е етаблирање и задржување на статусот во лигата. 

На охриѓани им се придружија Љупче Трпески, Александар Целески и Мартин Лекоски од Кораб, голманот Даниел Котевски од Победа и уште неколку играчи со кои до крајот на неделава ќе биде официјализирана соработката.

„Костурот на екипата кој триумфираше во ТМФЛ и обезбеди промоција во Втората лига го задржавме, а ангажиравме охридски фудбалери со уште неколку засилувања од страна. Почнуваме тивко и скромно и без помпезности, бидејќи прво не чека работа во текот на овие подготовки а потоа не чека голема борба во текот на сезоната“, изјави спортскиот директор Александар Мартиноски.

Подготовките на „сино белите“ ќе се одвиваат исклучиво во Охрид. Клубот планира пет контролни средби до почетокот на сезоната, кој е закажан за 24 август.