• Горан Упале

Македонскиот фудбалски стратег Александар Васоски за првпат во својата тренерска кариера доби интернационален предизвик. Поранешниот репрезентативен дефанзивец си замина од клупата на Академија Пандев и денес ќе биде претставен како нов тренер на Сараево.
Очекувањата на навивачите и управата на бордо тимот се големи, што секако ќе донесе одреден притисок кај Васоски, кој важи за амбициозен тренер. Играчот за врска на Академија Пандев, Адис Хаџановиќ, за босанските медиуми вели
„Квалитетен тренер и секако добар човек. Морам да бидам искрен. Кога дојдов овде, може да се претпостави како ми беше на почеток... Странец си и не е лесно, но тој навистина имаше одличен однос, коректен, за сите пофалби.
Пред да седне на клупата на Академија Пандев го предводеше Вардар, ја освои титулата, а со Академија Пандев играше и во финалето на Купот. Прво го остави клубот во лигата, а потоа постигна историски резултат. Тоа мора да се цени. Резултатите најдобро зборуваат за сите“.
42-годишниот тренер одлично работеше во Македонија. Со Вардар стана шампион и тоа со подмладен тим, па замина во Струмица, град во кој со Академија Пандев дојде до финалето од Купот на Македонија, а оваа година е на втората позиција на крајот од полусезоната.