Рома успеа да постигне два гола во гости и да си замине дома со голема победа на првиот четвртфинален дуел против Ајакс (1-2). Единствениот преостанат италијански претставник во Европа има реални шанси за полуфинале, а ако го освои натпреварувањето следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.
Најдобрата сезона во историјата на Ајакс беше 1971/72. Тогаш „копјаниците“ предводени од познатиот романски тренер Штефан Ковач ја освоија Ередивизија, Купот на Холандија и тогашниот Куп на Шампиони. Ковач ја надогради филозофијата на таканаречениот „тотален фудбал“ која ја зачна неговиот претходник Ринус Михелс, а неговите идеи совршено ги спроведоа генијалниот, сега за жал покоен, Јохан Кројф и другите мајстори како Руд Крол и Ари Хан.