• Иван Димовски
Фудбалерите на Струга Трим Љум врзаа три победи во ПМФЛ, откако на свој терен го совладаа Работнички со 1-0 (0-0). Шампионот, кој има помалку натпревари од останатите екипи во првенството, влезе во ритам. За време на европската авантура ова лето си дозволи пораз од Брера, меѓутоа на сите останати четири дуели стружани запишаа победи.
Стружани тргнаа офанзивно уште од првата минута, се обидоа да се наметнат и да го притиснат гостинот. Тоа им појде од рака и на стартот беа поконкретни. Сепак, вреди да се истакне дека голманот Игор Алексовски беше на нивото на задачата. Тој во неколку наврати беше на сериозен тест, најдобрата одбрана ја имаше по ударот на Буњамин Шабани, а и уште неколку пати го спаси својот гол.
Во финишот на полувремето, Струга доби и најстрога казна која ја изнуди искусниот Бесарт Ибраими. Најдобриот стрелец во мак-фудбалот ја презеде одговорноста, ама во 47. минута биеше над пречката на голот на Работнички. Така уште еднаш се потврди непишаното правило да не шутира оној над кој е направен пеналот.
По само пет минути игра во второто полувреме, екипата на Струга поведе крај Охридското езеро. Во добра акција по десната напаѓачка страна, голот го креираше Бесарт Ибраими, го проигра резервистот Арди Идризи, а 19-годишникот го матира Алексовски за 1-0.
Стружани имаа уште неколку добри можности за да ја удвојат предноста, меѓутоа не успеаја во тоа. Казната можеше да ги стигне пред финишот на натпреварот. Добро низ одбраната се проби Влатко Стојановски, го издрибла и голманот Ќосевски, ама веќе премногу се доближи до линијата и погоди во страничната мрежа пред празен гол. До крајот на мечот немаше други големи возбудувања и мечот заврши со единствениот гол на Камбери.
Струга Трим Љум изби на шестото место со 12 бода и три натпревари помалку, а Работнички е седми со 10 бода од осум натпревари.