• Мартин Танасковски

Игор Ангеловски, доскорешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација, се врати во клупскиот фудбал во Хрватска каде дебитира на столчето на НК Горица, но со пораз од Вараждин (1-2).
Лошата серија на Горица продолжи и во првиот меч на популарниот Мрме, додека Вараждин ја впиша првата победа. И тоа на неа кумуваше македонскиот репрезентативец Агон Елези, кој се наоѓа во фокусот на селекторот Благоја Милевски за следните натпревари на Македонија.
21-годишниот играч од средниот ред двата гола ги даде во првиот дел. Прво Елези стрелаше во 10. минута, а потоа и во 43. минута на атрактивен начин. Горица успеа да даде еден почесен гол преку Јуриќ, а мечот понуди два црвени картони, по еден за двата тима во вториот дел.