ВИДЕО: Ренова пак разочара, Македонија ЃП со три гола славенички го напушта Тетово

Екипата на Македонија Ѓорче Петров ја продолжи позитивната серија без пораз во Првата македонска фудбалска лига, откако во денешното дерби против Ренова извојува сигурна победа на гости од 1-3 (0-2).

„Лавовите“ долго време не знаеја за победа во Тетово над „гипсарите“ (12 години), па тоа како да им беше дополнителен мотив за одлично да го отворат денешното дерби и уште во раната фаза да стигнат до почетно водство. 

Се играше 10. минута кога Филип Петров одлично го следеше центаршутот од десната страна и со прецизен удар со глава го матира Велии за прва гостинска радост на овој меч. „Гипсарите“ по примениот гол како да сакаа експресно да се вратат во игра и тргнаа со поофанзивен пристап, но тоа им дозволи многу простор на гостите кои во самиот финиш на првиот дел стигнаа до комотно водство од 0-2. 

Сефет Емини беше сигурен реализатор на ударот од единаесет метри, но овој гол на ѓорчепетровци крена многу прашина кај домашните фудбалери кои протестираа кон главниот судија, сметајќи дека немаше доволен контакт за најстрога казна. 

Ништо не се промени ниту во вториот дел, Ренова беше таа која продолжи со иницијативата, но не можеше да го скрши бедемот на гостите, додека на спротивната страна „лавовите“ чекаа шанса од контра напад, а една таква не реализира Фернардо Аугусто, кој промаши зицер од само неколку метри. 

И кога се очекуваше кај на натпреварот Ренова конечно стигна до голот првенец на овој меч, откако во 90. минута на 1-2 намали Гавазај. Сепак, Македонија ЃП веднаш возврати и Воша ги постави конечните 1-3. 

Следен предизвик за „лавовите“ е Струга Трим Љум, додека Ренова излез од кризата ќе брка против „фенерџијата“ Беласица.