Ренова и Струга одиграа без голови и ги поделија бодовите во Тетово

Ренова и Струга Трим Љум одиграа без победник пред празните трибини на „Еколог Арена“, откако ремизираа без голови (0-0) во првото коло од ПМФЛ. Иако домаќинот беше подобар противник и имаше повеќе можности да стигне до триумф, не успеа да го пронајде патот до голот на Струга и мораше да се задоволи со бод. 

Стартот од средбата беше целосно изедначен и се играше главно на средината од теренот. Двата тренери тргнаа со тактичко надмудрување и без непотребни ризици, па очекувано немаше многу шанси. До полувремето, пред двата гола немаше ниту една сериозна можност, а најблиску до реализација беше Рамадани во неколку наврати. 

По паузата, „гипсарите“ тргнаа по гол за предност и победа, па беа подоминантни. Иако притискаа и се закануваа, одбраната на стружани беше одлично поставена и спремно ги спречуваше налетите. 

Главно играчите од Џепчиште беа опасни по прекини, па ударите со глава и на одбиена топка завршија во блок или изнудија убави интервенции на гостинскиот голман. Во последните 20 минути од натпреварот темпото на игра опадна, па двата тима бараа простор и чекаа кикс на одбранбените бедеми. Сепак, до такво нешто не дојде и избраниците на Ислами, иако беа подобар тим освоија само бод на првиот домашен дуел. 

Ако минатата сезона во второто коло, стружани загубија во Тетово против Ренова, овојпат се поправија и со реми ја почнаа новата сезона. Во следното второ коло, Струга Трим Љум повторно гостува во Тетово, сега кај Шкендија, а Ренова во Велес ќе се бори за првенствени голови со Борец.